Град Скопје именуваше нови директори во јавните претпријатија.
Меѓу 5-те нови имиња паѓаат во очи две кои се од редовите на ДУИ, но кои се блиски до функционерите на таканаречената „Огнена група“.
Саид Саиди, кој е именуван за директор на ЈП „Улици и патишта“, според јавните фотографии на неговиот Фејсбук профил, доаѓа од огранокот на ДУИ во Чаир, што го докажува и оваа слика со активисти од изборниот штаб во Чаир.
Од друга страна, за директор на ЈП „Паркови и зеленило“ е именуван Зухејр Реџепи. Тој доаѓа од огранокот на ДУИ во Сарај, додека на јавните фотографии на неговиот Фејсбук има заедничка фотографија со незадоволните членови на ДУИ – Муса Џафери и Блерим Беџети. Инаку, новиот директор Реџепи е син на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска преку писмено соопштение побара од новите директори да бидат внимателни со вработувањата и управувањето со кризи.
„Новите в.д. директори ќе имаат обврска и одговорност во следните 6 месеци да ги спроведат неопходните реформи со цел консолидација на јавните претпријатија во периодот кој следи од аспект на справување со економската и енергетската криза. Обврските се во насока на оптимизација на средствата и процесите, намалување на трошоците и кратење на сите непродуктивни трошења, како и спроведување на реформата во сегментот на вработувања во претпријатијата со која нема да се дозволи лица кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства“, велат од Град Скопје.
Останатите тројца нови директори кои денеска беа именувани се Радмила Пешева во ЈП „Лајка“, Крсте Петревски во „Паркинзи“, а за директор на „Дрисла“ е назначен Александар Кузинаков. Директорката Косана Мазнева ќе продолжи да раководи со „Комунална хигиена“, со ЈСП, Александар Стојковски, а на раководната позиција на „Водовод“ останува Марјан Митевски.