Ковачевски: ЕСМ ќе ги топли скопјани, 80% субвенции за домаќинствата за струја, а на регулиран пазар ќе бидат и училиштата

Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ, соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

На вонредна прес-конференција во Владата, тој потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.

-Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста, а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна Ковачевски.

Според него, во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

-Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, нагласи премиерот.

На вонредната прес-конференција во Владата вечерва, покрај Ковачевски, присутни се вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.