Шефот на чешката дипломатија Липавски денеска во Косово

Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски ќе престојува денеска во Косово, каде што ќе се сретне со претседателката на државата, Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од косовската Влада, пак, објавија дека Липавски ќе биде примен од вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими, по што двајцата министри ќе одржат заедничка прес-конференција.

Средбата на Липавски се случува во реме кога Чешка, која во овој мандат претседава со Европската унија, ги интензивира напорите за либерализација на визите за Косово, за што на 13 октомври во Брисел свика седница на Работната група на Европската комисија.

„Визната либерализација е клучен елемент во процесот на интеграција на Косово во ЕУ, кој е одамна задоцнет. Косово е единствената земја на Западен Балкан (и една од ретките земји во Европа) која сè уште не обезбедила безвизен режим режим со ЕУ. Овој факт има значително негативно влијание врз атмосферата во таа земја и врз ставовите на граѓаните на Косово за исправноста и кредибилитетот на ЕУ“, се наведува во писмото со покана за средбата на 13 октомври.