На редовниот брифинг во бугарското Министерство за надворешни работи, министерот Николај Милков коментираше дека оваа недела имало два настана со Република Северна Македонија – од кои едниот е фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на двете земји, истакнувајќи дека не сака да го распалува жарот на таа тема.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Милков, темата треба да се затвори.
Вториот настан, како што посочи бугарскиот министер за надворешни работи, е условната казна на Ламбе Алабаковски кој го запали влезот на центарот „Ванчо Михајлов” во Битола.
Николај Милков на брифингот рече дека овие два настана откриваат структурен проблем за правата на Бугарите во Северна Македонија.
Според него, казната на Алабаковски е најлесната можна и додаде дека според законот на Република Северна Македонија, за ова дело се изрекуваат од 6 месеци до 5 години. Додаде дека се очекувало релативно посериозна казна, но тоа е одлука на независниот суд на РСМ. Двете дела извршени во текот на неделата, смета Милков, се дела на омраза, тие испраќаат порака и до народот на Република Северна Македонија и до Бугарија и таа не е позитивна.
Тој рече дека треба да се обрне внимание на тоа дека јазикот што бил користен на натпреварот, е јазик што го користеле политичарите. Ова, спроед него, е слика на обиди за еродирање на досега постигнатите договори и им покажува на граѓаните на Република Северна Македонија каде стои земјата во однос на преговарачкиот процес со ЕУ.
– Обидите за слободно толкување на францускиот предлог и создадената атмосфера во Република Северна Македонија не го фаворизираат процесот. Има долг пат да се изоди, коментираше министерот за надворешни работи на Бугарија.
Милков додаде дека не би сакал да навлезе во речникот на фудбалски агитации, нагласувајќи дека сè уште гледа позитивно и оти тоа се декларации наменети за внатрешна употреба во Република Северна Македонија. Тие, според него, на никаков начин не го менуваат она што претставува обврска на Република Северна Македонија, како и во однос билатералниот договор, така и во спроведувањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ.