За АСОМ предлогот на Министерството за финансии за усвојување на измените на Законот за игри на среќа е целосно неприфатлив

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) остро реагира на предлогот на Министерството за финансии да се усвојат предлог измените за Законот за приредување игри на среќа со кои ќе се обезбеди 500 метри оддалеченост на обложувалниците од образовни институции, како и подигнување на критериуми и услови за добивање лиценца и значително зголемување на давачките за приредувачите на игри на среќа и забавни игри, кој од јуни лани е во собраниска процедура.

-Предлогот за оддалечување на деловните објекти од училиштата го отфрламе како целосно неприфатлив, а пак барањето за зголемувањето на давачките е целосно контрадикторно со предлог измената за воведување растојание помеѓу деловните објекти, бидејќи истото значи затворање на речиси 98 проценти од објектите. Во многу наврати досега посочивме дека ваквиот предлог е практично невозможно да се спроведе на терен, бидејќи дистанцирање од една образовна институција едноставно го доближува објектот до друга. Така, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка.
Во овој контекст, уште еднаш потсетуваме дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулирано со Закон, казните за непочитување на овие членови се високи и најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ниту АСОМ, ниту нашите членки, немаат никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години и правиме сѐ за максимално и бескомпромисно почитување на законот.

Уште еднаш потсетуваме дека донесувањето на предлог измените за Законот за приредување игри на среќа со сигурност ќе значи губење на работните места на повеќе од 8.000 директно вработени во дејноста, како и работните места на повеќе од 50.000 останати работници кои зависат од работењето на оваа стопанска гранка, но и губење на околу 253 милиони евра буџетски средства кои по сите основи од работењето на оваа стопанска дејност се влеваат во државниот и локалните буџети.

Воедно, потсетуваме и дека Република Северна Македонија е единствената земја во регионот која нема он-лајн игри на среќа, со што индустрија дополнително трпи штети, а државата нема слух да овозможи он-лајн игри на среќа преку сајтовите на македонските лиценцирани обложувалници.

На крајот, сакаме да потенцираме и дека нашата стопанска дејност дополнително е оштетена од страна на Владата, бидејќи е исклучена од владините мерки за енергетската криза.

„Како стопанска дејност која нуди услуги не сме во можност преку зголемувањето на цената на услугата да ги покриеме дополнителните трошоци. И со сегашната цена на електричната енергија на светските берзи од каде стопанските субјекти во оваа дејност ја набавуваат, работењето е доведено до прагот на рентабилност. Дополнителните најави за понатамошно зголемување на електричната енергија на светските берзи ќе доведе до неможност за подмирување на обврските и сигурно гасење на целата стопанска дејност“.- велат од АСОМ.
Согласно изнесеното, акцентираме дека предлог измените на законот се целосно неприфатливи и подготвени сме да ги искористиме сите механизми за да спречиме тој да се донесе, велат од АСОМ.