Организацијата за поддршка на бегалци, баратели на азил и други мигранти соопшти дека во Србија моментално престојуваат 6.000 мигранти и посочи дека секој ден во земјата влегуваат по 500 нови мигранти. „Во прифатните центри има 159 семејства и вкупно 283 деца, од кои 125 се малолетници без придружба. Околу 100 деца се на училишна возраст, а 43 се запишани на училишта во Врање, Крњача и Шид“, велат од Инфо парк.
Како што истакнаа од организацијата, зголемен е бројот на момчиња без придружба, така што во прифатниот центар во Прешево моментално има 58 малолетници.
Кога станува збор за украинските бегалци, во центарот во Врање има 78 мигранти.
„Дваесет деца се сместени во кампот Врање и уште 21 дете од Украина во приватно сместување“, соопшти организацијата.
„Инфо парк“ оцени дека државата „ги користи“ мигрантите, бегалците и барателите на азил за да ги зголеми капацитетите на своите институции, а притоа корисниците на истите, всушност, не добиваат помош.
Државата им дава „предност“ на луѓето кои доаѓаат од Русија и Украина, во однос на оние од Блискиот Исток или Африка.
„Тоа е нефункционален пристап кон темата, во кој некои поединци собираат популистички поени, а други ја вртат главата за да не му замерат на електоратот“, велат тие.
Од почетокот на годината, околу 7.000 мигранти побарале некаква помош од Инфо паркот. Сè повеќе е потребата од психолошка поддршка и помош по претрпено насилство на границите или помош при сместување во прифатни центри, спонзорирани од државата“, велат од Инфо парк.