Трас: Требаше подобро да го подготвам теренот за економскиот план

Британската премиер Лиз Трас во неделата настојуваше да ги примири своите сопартијци и јавноста велејќи дека би требало да стори повеќе за подобро да го „подготви теренот“ во обидот да ги минимизира реакциите на пазарите поради што фунтата падна на рекордно ниско нивоа, а трошоците за задолжување на владата во Лондон пораснаа.

Првиот ден од годишната конвенција на владејачката Конзервативна партија, партиската челничка и премиерка Лиз Трас, која на двете позиции е помалку од еден месец, прибегна кон поблаг тон обидувајќи се да ја убеди јавноста дека ќе се грижи за граѓаните во текот на тешката зима и потоа.

Меѓутоа, Трас остана на својот „план за растот“ кој инвеститорите и економистите го критикуваа поради дополнителната потрошувачка од повеќе милијарди фунти, и оти нуди многу мали поединости за тоа како тоа краткорочно би се исплатело.

„Ја разбирам нивната загриженост поради она што се случи седмицава. Останувам на пакетот кој го најавивме и стојам на тоа дека брзо ги најавивме, бидејќи моравме да дејствуваме но прифаќам дека требаше подобро да го подготвиме теренот“, изјави Трас во емисијата „Недела со Лора Куенсберг“ на јавниот рaдиодифузер BBC.