Луис Инасио Лула да Силва на неделните избори освои повеќе гласови од противкандидатот, актуелниот претседател Жаир Болсонаро, но Бразил идниот претседател ќе го добие по вториот круг од изборите на 30-ти октомври.
По пребројувањето на 99,7 отсто од електронските гласови, левичарскиот поранешен во два мандата претседател Лула освои 48,4 отсто, додека десничарскиот Болсонаро 43,3 отсто, објави изборната комисија.
Бидејќи ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, Лула и Болсонаро како двајца кандидати ќе одат во втор круг на изборите предвиден да се одржи на крајот од месецот.
„Борбата продолжува до конечна победа. Ќе победиме на овие избори“, изјави Лула.
Резултатот беше многу потесен од очекуваното, бидејќи предизборните анкети го сметаа Лула за далеку поголем фаворит со двоцифрена предност. Некои експерти сугерираа дека испитаниците не се изјасниле за своите вистински преференци или одлучиле на денот на изборите.
Доколку Лула победи во вториот круг, тој ќе биде првиот бразилски демократски претседател кој ќе има трет мандат, бидејќи претседател беше од 2003 до 2010 година.
На вчера одржаните избори право на глас имаа повеќе од 156 милиони луѓе, на кои беа избрани и гувернери, третина од сенаторите, како и федерални и 27 државни претставници.
Поранешниот претседател Жаир Болсонаро претходно изрази сомнеж во изборниот систем и даде индикации дека можеби нема да ги признае резултатите од изборите, што ја поделија најголемата економија на јужноамериканскиот контитент.