За ефикасно справување со нелегалните финансиски текови и организираниот криминал неопходно е Македонија да го донесе Законот за потекло на имот, кој ќе овозможи конфискација на нелегално стекнатиот имот“, беше заклучено на денешниот состанок на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска која денеска одржа средба со делегација на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) предводена од Марина Ковачич, лидер на компонентата за нелегални финансиски текови.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари на поддршката што ГИЗ ја дава во однос на подготовката на Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот и на Националната комисија за доследна реализација на активностите од Акцискиот план.
Нагласи дека сите искуства и практики што нашите надлежни институции ги добиваат од меѓународните партнери и експерти потоа треба да бидат имплементирани во соодветните ресори, со цел да се застане на патот на нелегалните финансиски текови и организираниот криминал.
Вели дека Македонија е единствена држава во регионот што има подготвено и имплементира ваква Стратегија, а нејзината целосна имплементација ќе создаде ефикасен систем во борбата против корупцијата и криминалот.
Ковачич истакна дека регионот се соочува со многу слични предизвици и затоа регионалниот стратешки пристап е неопходен за соодветно да се одговори на корупцијата, нелегалните финансиски текови и организираниот криминал.