Рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави во средата дека ќе ги обнови испораките на гасот преку Австрија, главно за Италија откако постигнал договор за регулаторните измени со Австрија.
„Газпром, заедно со италијанските купувачи, успеа да најде решение за форматот на соработката во условите на регулаторните промени што се случија во Австрија на крајот од септември“, се истакнува во соопштението на руската компанија.
Се додава дека австрискиот оператор информирал дека е подготвен да го потврди транспортот преку „LLC Gazprom Export“, што ќе овозможи рускиот гас повторно да протече преку Австрија.
Австриската влада за Reuters рекла дека „Газпром“ сѐ уште не ги потпишал потребните договори, но италијанската енергетска компанија „Eni“ за ТАСС потврдила дека е постигнат договор за обновување на испораките на гасот од Русија.
„Eni известува дека денеска се обновени испораките на гас од Газпром. Обновувањето на испораките беше овозможено благодарение на регулирањето од страна на Eni и заинтересираните страни за ограничувањето што произлегуваат од новите правила воведени од австриските регулаторни органи“, објави подоцна италијанската компанија на својата веб-страница.
На почетокот од октомври „Eni“ извести за запирање на испораките на гасот од Русија, поради неможноста за транзит на енергенсот преку Австрија. Главниот извршен директор на компанијата, Клаудио Дескалаци, тогаш истакна дека прекинот на испораките „не е диктиран од геополитички причини“. Притоа призна дека во моментов испораката на гас од Русија се неопходни, и покрај напорите на Рим да ја намали зависноста од рускиот енергенс.
Според непотврдени процени, во моментов рускиот гас сочинува околу 10 отсто од италијанскиот увоз, што е значително помалку од претходните 40 отсто, а притоа се зголемил уделот на увезениот гас во Италија од Алжир и од северот на Европа, но по повисоки цени.