ЕУ одобри државна помош за германскиот хемиски гигант BASF

Европската комисија го одобри планот на владата на Германија на хемискиот гигант BASF да му обезбеди 134 милиони евра државна помош за производство на ткн „зелен водород“.

Германија со тоа ќе му помогне на BASF да даде придонес во „озеленувањето на хемиската вредносна верига и транспортниот сектор“, изјави комесарката на Европската комисија за пазарен натпревар Маргарет Вестaгер во соопштението од претходно седмицава.

„Денеска одобрената мерка на Германија, исто така, ќе ѝ овозможи да го замени водородот базиран на фосилните горива во индустријата којашто е тешко да се декарбонизира и да ја намали зависноста од увезените фосилни горива“, додава Вестагер.

Одобрената домашна помош ќе биде неповратна и ќе го поддржи градењето и инсталацијата на голем погон за електролиза на локацијата на BASF во Лудвигшафен, кој до 2025 година би требало да произведува околу 5.000 метрички тони на ткн обновлив водород и 40.000 метрички тони кислород годишно.

Со тоа BASF ќе ја намали емисијата на гасовите кои ги предизвикуваат ефектот на стаклена градина, а „зелениот водород“ ќе го користат, на пример, камионите и автобусите, појаснува Европската комисија.

Сега суспендираниот руско-германски гасовод Северен тек 2 беше дизајниран, покрај гасот да може да транспортира и водород.