„Фашизмот мора да падне – Не за бугарскиот Хитлер“,„Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“, „Со фашисти не се преговара“, беа дел од транспарентите на денешниот протест во Охрид, пред новоотворениот бугарски културен клуб Цар Борис III.
Протестот го организира политичката партија Левица, а и ВМРО-ДПМНЕ повика на масовност, но тој да биде мирен, демократски и без инциденти.
– Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно – и Цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провокативни велат тие.
Здружението ги има испочитувано сите законски регулативи во државата и нема направено никаков прекршок, вели во изјава за медиумите претседателот на „Цар Борис Трети“, Томе Блажески.
„Ако нешто сме згрешиле се извинуваме на целата јавност, но не направивме никаков прекршок. Ги запазивме сите закони, со целиот почит кон државата, Република Македонија, кон Македонците…“, вели Блажески.
Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид се наоѓа на 20 метри од куќата во која што во 1941 година воениот суд на бугарскиот фашистички окупатор осуди група партизани на чело со Лазар Колишевски на смрт со бесење поради организирање оружено востание против окупаторот.
Освен Колишевски, на смрт со бесење во отсуство е осуден и Петре Пирузе, додека Ќирил Главинчев, Андон Дуков и Јаќим Спироски се осудени на долгогодишни затворски казни.
Клубот го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со нацистичка Германија и фашистичка Италија.
Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.
Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април годинава, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.