Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека Германија ќе се погрижи Европската унија да ги замрзне средствата и да го забрани влезот на одговорните лица за насилното задушување на антивладините протести во Иран.
– Оние кои тепаат жени и девојки на улица, кои киднапираат, самоволно затвораат и осудуваат луѓе на смрт, се на погрешната страна на историјата. На ранливите луѓе во Иран им велиме: стоиме со вас и ќе продолжиме да го правиме тоа – изјави Бербок за Билд ам Зонтаг.
Германија, Франција, Данска, Шпанија, Италија и Чешка поднесоа 16 предлози за нови санкции на ЕУ против Иран поради задушување на протестите предизвикани од смртта на младата жена Махса Амини во притвор, пренесува Reuters повикувајќи се на извор во германското Министерство за надворешни работи.
Санкциите треба да бидат усвоени на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 17 октомври во Луксембург, а предлагачите не очекуваат дека земјите-членки на ЕУ ќе имаат забелешки на текстот на санкциите.
Антивладините протести во Иран започнаа минатиот месец, по смртта на младата Иранка со курдско потекло, Махса Амини (22), која беше приведена од полицијата за морал, поради наводно кршење на правилата за носење хиџаб. Амини падна во кома неколку часа по апсењето и почина на 16 септември во притвор.