-Ќе ми дозволите да го честитам овој голем македонски празник, голем македонски ден, а тоа е почетокот на борбата на македонскиот народ за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна. Многу значаен овде во Прилеп, бидејќи токму од тука од тука започна таа борба на ослободување што денес ја донесе оваа независна, суверена македонска држава во срцето на Балканот, изјави за медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета во Прилеп.
Тој посочи дека вистината е дека за време на Втората светска војна бугарските фашисти извршиле злостор на територијата на денешна Македонија, а македонскиот народ се обединил и го поразил и веднаш по Втората светска војна бил на вистинската страна на историјата.
– Така е и денеска, така ќе биде и во иднина. Ќе се бориме против фашистите, а Македонија била и ќе остане антифашистичка држава, рече Мицкоски.
Додаде дека напролет започнува градежна офанзива со повеќе од 40-тина улици во прилепската општина исто така и проектот кој е значаен и капитален, а тоа е влезот од Крушево, Кривогаштани кој е предаден во Министерството за транспорт и врски и се очекува конечно да се заврши процедурата и да отпочне со реализација. Во фаза на подготовка се уште 2 други проекти, познатата обиколница Сивец, влезот од Македонски Брод кој е во фаза на подготовка, како и геолошките истражувања за новата катна гаража во центарот на Прилеп.