Српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ денеска изјави дека Србија мора јасно да ја дефинира својата позиција на новата светска геополитичка карта и да си го најде своето место во следните 100 години, јави дописникот на МИА од Белград.
– Мислам дека ние како држава дефинитивно треба да одлучиме и јасно да го дефинираме нашиот став, бидејќи тоа се работи кои го надминуваат нормалното однесување. Ние сме на работ на светска војна во 21 век, кога сите треба да се бориме за подобри услови за живот, изјави Михахјловиќ за ТВ Прва.
Според неа, Русија води освојувачка, а не ослободителна војна, а рускиот претседател го доведува целиот свет, секој граѓанин, секое дете на чекор од страдањето.
-Во таква ситуација мораме да имаме јасен став и да си го најдеме местото во наредните 100 години. Светот се менува, геополитичката ситуација е поинаква, а ние мораме да гледаме во иднината и да си го бараме местото, рече Михајловиќ.
Таа додаде и дека целиот свет е во енергетска светска војна и дека и покрај кризата Србија прави се за да обезбеди доволно количество енергенти за стопанството и домаќинствата.
-Она што се случува со нафтоводот „Дружба“, кој е најдолгиот нафтовод во светот, долг околу 4.000 километри и низ кој поминува само руска нафта, изгледа како продолжение на она што се случи со гасоводот Северен тек. Бидејќи прво се мислеше дека е одржување, па се зборуваше дека има дефект, па се покажа дека не е така, туку се работи за саботажа, рече срспката вицепремиерка.
Таа повтори дека нема опасност од недостиг на нафтени деривати на српскиот пазар и дека новиот пакет санкции на ЕУ со кој се забранува увоз на руска сурова нафта нема да влијае на стабилноста на снабдувањето.
Михајловиќ оцени дека изградбата на нафтовод до Унгарија и до Албанија и Грција, преку Северна Македонија, ќе значи дека Србија станува транзитна рута.
-Го имаме Јанаф, преку тој гасовод добиваме нафта, но важно е стратешки да размислуваме. Нафтовод од Панчево до Ниш, Скопје и два крака – до Солун и Драч, а од друга страна, изградба на нафтовод од Панчево до Унгарија, би значело да Србија станува транзитна рута. Станува збор за инвестиции од 500 до 700 милиони евра, но тоа е вообичаено за вакви големи проекти кои се значајни не само за Србија и регионот, туку и за пошироко, се наведува во соопштението за медиуми на вицепремиерката Михајловиќ.
Таа додаде дека кога станува збор за Турски тек преку кој Србија добива гас, важно е дека државата реагирала, доколку има некакви најави, сите надлежни институции кои се занимаваат со тоа да се грижат за она што минува низ Србија да биде заштитено.