![ksi dzinping](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/ksi-dzinping.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Кинескиот претседател Кси Џинпинг би требало на 20-от конгрес на Комунистичката партија на Кина, кој почнува во недела, ќе го добие третиот историскиот на чело на земјата.
Доколку оди сѐ по планот, 69-годишниот челник ќе биде до крајот на конгресот, кој се одржува на секои пет години, потврден на должноста главниот секретар на партијата и ќе ја зацврсти својата позиција на најмоќен кинески лидер по Мао Цетунг.
Речиси 2.300 делегати од сите кинески покраини ќе се соберат во недела во величествената Голема сала на народот на пекиншкиот Плоштад Тијанмен околу кој се преземени засилени безбедносни мерки. Конгресот ќе се одржи и со строги здравствени мерки, бидејќи Кси и натаму инсистира на спроведување политика на нулта стапка на толеранција на коронавирусот.
На конгресот кој главно ќе се одвива зад затворени врати, делегатите ќе изберат околу 200 членови на Централниот комитет на партијата, кој потоа избира 25 членови на Политбирото и силно влијателниот Постојан комитет, највисокото тело на власта во Кина.
„Меѓутоа, всушност сѐ однапред е усогласено бидејќи конгресот не се одржува додека сите фракции не се договорат“, вели за AFP синологот Жан-Филип Бежа.
Критичарите истакнуваат дека Кси последните години, исто така, ги елиминирал политичките ривали, особен преку својата долгогодишна борба против корупцијата.
Кси во говорот на првиот ден од конгресот ќе ја изнесе оцената за претходниот мандат и ќе го зацрта патот за идните пет години и за партијата и за земјата. Кси на конгресот 2017 година вети нова ера на социјализам со кинеско лице и речи дека Пекинг ќе соработува со светот.
„Отвореноста носи напредок, а самоизолацијата е заостанување. Кина нема да ја затвори вратата на светот, ќе станеме сѐ поотворени“, изјави тогаш Кси.
Меѓутоа, на западот сметаат дека по пет години се случило токму спротивното. Додека остатокот од светот постепено се враќа на претпандемискиот начин на живот, Кина строго ја спроведува политиката на нулта толеранција за Covid-19 со ограничување на патувањата, задолжителни карантини и повторни затворања.
Таквата стратегија предизвикува големи проблеми за граѓаните, но ја заплашува и деловната заедница, особено европската и другите кои имаат погони или се снабдуваат од Кина, бидејќи економскиот раст како и секаде во светот заостана.
„Кинеската политика на нулта стапка на толеранција кон коронавирусот ги обесхрабрува нужно потребните инвестиции. Младите Кинези најмногу трпат во економска и општествена смисла“, вели Ју Џие од тинк-тенкот Чатам Хаус, задолжен за азиско-пацифичката програма.
Односите меѓу САД и Кина, исто така, во последните пет години се многу нарушени, а надворешната политика на Кси предизвикува загриженост на земјите во регионот од Индија до Австралија, но и такви како Канада којашто е американски и британски сојузник. Западните земји реагираат на зголемената агресивност во реториката на Пекинг кон Тајван, кого Кина го смета за своја одметната територија и тврди дека има право да врати во матицата и со сила доколку е потребно.
Западот ја критикува Кина и за раширено кршење на човековите права, особено во западниот регион Ксинџијанг, каде живее муслиманската ујгурска заедница.
„Третиот мандат на претседателот Кси е лош знак за човекови права во Кина и во свето“, смета Јачиу Ванг, виш стручњак за Кин при организацијата Human Rights Watch.
Кинеската комунистичка партија има 96,7 милиони членови и е една од најголемите политички организации на светот, но нејзиниот начин на функционирање не е многу познат за јавноста.
Набљудувачите можат само да нагаѓаат за идниот состав на Постојниот комитет. Досега членовите на Политбирото по два мандата одеа во пензија, но бидејќи Кси со својот трет мандат ја менува таа политика се очекува дека тоа може да се одрази и на другите функционери.
Изборот на луѓето кои ќе бидат во близината на Кси ќе биде клучен, смета Стив Цан, директор на Кинескиот институт при Школата за ориентални и африкански студии на лондонскиот универзитет.
„Мислам дека Кси ќе внимава да испрати јасна порака дека никој поставен во Постојаниот комитет на Политбирото нема да биде наследник на 21-от конгрес“, тврди Цан.
Составот на Политбирото ќе биде познат ден по завршувањето на конгресот. А, како што се очекува, Кси Џонпинг ќе остане генерален секретар, ќе биде потврден за претседател на државата со уште еден мандат на годишниот состанок на кинескиот Национален народен конгрес во март следната година.
Иако 20-от конгрес на Комунистичката партија на Кина гарантира само уште еден петгодишен мандат, многумина сметаат дека Кси ќе остане на власт многу подолго.
„Имајќи го предвид промовирањето на ‘Мислите на Кси Џинпинг’, односно неговите политики, обновувањето на култот на личноста и важноста на неговата моќ во срцето на партиското водство, тоа упатува на тоа дека станува збор за некој којшто ќе остане на власт долго време, можеби доживотно“, вели за AFP политикологот Жан-Пјер Кабестан.