Под истрага набавката на вакцините против Covid-19 во ЕУ

Набавката на вакцините против коронавирусот во Европската унија во вредност од повеќе десетици милијарди евра е под истрага објави во петокот Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO).

„Ова исклучителна потврда доаѓа по големиот интерес на јавноста. Во оваа фаза нема да бидат објавени други поединости“, се наведува во соопштението на EPPO.

Европската комисија испреговараше и склучи договори за стотици милиони вакцини со фармацевтските компании, главно во САД, во името на земјите членки на Европската унија.

Не е објавено кој е дел од процесот под истрагата на EPPO. Меѓутоа, претходните критики беа насочени на доцнењето на испораките и поединостите од договорот кои се делумно објавени на интернет.

Договорот со германско-американскиот производител „BioNTech/Pfizer“ за купување до 1,8 милијарди дози почнувајќи од пролетта 2021 година, кој во тоа време беше проценет на 35 милијарди евра, посебно е јавно анализиран.

Весникот The New York Times извести дека личниот контакт на извршниот директор на „Pfizer“, Алберт Бурла, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил клучен за склучување на договорот.

Текстуалните пораки коишто ги разменувале фон дер Лајен и Бурла не им се даден на увид на новинарите и покрај барањата за слободен пристап до информациите.

Европскиот ревизорски суд (EC), кој го надгледува буџетот на Европската унија, соопшти дека не ја добил бараната информација за прелиминарните преговорите во извештајот објавен во спетември.