
Во Белорусија во неделата пристигнале првите од 9.000 руски војници како дел од новите здружени сили според дамнешниот договор за заедничка државна Унија кои треба да ги штитат белоруските граници со Украина, соопшти министерството за одбрана, а првиот канал на белоруската телевизија објави дека изминатиот период биле спречени низа терористички напади на белоруска територија.
„Првите возови со руски војници пристигнаа во Белорусија. Превезувањето ќе трае неколку дена. Вкупниот број ќе биде помал од 9.000 луѓе“, соопшти во неделата портпаролот на министерството за одбрана во Минск откако во саботата пристигна претходницата на руските трупи.
Воените аналитичари проценуваат дека е неверојатно дека самата Белорусија ќе се вклучи во војната во Украина, но од друга страна ваквото руско-белоруско сојузување би се ангажирале украинските сили на истокот и западот на Украина.
Како што претходно соопшти официјален Минск, одлуката „се спроведува исклучиво во интерес на зајакнувањето на безбедноста и одбраната на границата на државниот Сојуз и оти „е диктирана од моменталните активности во пограничните региони“.
Претходно во петокот белорускиот претседател Александр Лукашенко изјави дека неговата земја е ставена во состојба на зголемена терористичка приправност поради трупањето војски на нејзините граници и тензиите. Потегот Лукашенко го поврза со извештаите од понеделникот дека во соседните Украина, Полска и Литванија се подготвуваат групи од белоруски дисиденти и радикали воено да заземат регионален центар на белоруска територија и да испровоцираат бунт, поради што белоруските единици заедно со руските беа распоредени близу јужната граница меѓу Белорусија и Украина.
Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. Неа ѝ претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заедничка држава.
Поради разместувањето на белоруските единици, Киев кој од Минск повеќепати годинава беше обвинуван за воени провокации на заедничката граница, ставува дека Лукашенко би можел да ги ангажира во помош на руските сили на теренот во Украина. Меѓутоа, политичките аналитичари не веруваат во таквата опција, но сметаат дека Лукашенко можеби не да биде во позиција да го одбие таквото барање, доколку дојде од Москва.
Приведени за терористичка активност
Белоруската телевизија во неделниот извештај тврди дека неколку лица се уапсени во безбедносните операции за спречување на серија терористички напади.
Во прилогот се наведува дека планерите на нападите се поврзани со неформалната организација којашто се огласува со кратенката BYPOL, која во Белорусија е ставена на листата терористички организации., како и со ткн „преодна влада“ на белоруската опозиција во егзил која е финансиски и организационо поддржувана од западните влади.
Во прилогот се истакнува дека уапсените „даваат признанија и се подготвени да соработуваат со истрагата“.
„Белоруските безбедносни служби ја контролираат ситуацијата и намерите на нашите непријатели, и соодветно на тоа подготвени се брзо, жестоко и ефикасно да реагираат на секакви манифестации на терористичка или екстремистичка закана“, изјави белорускиот министер за внатрешни работи Генадиј Казакевич.
Истакна дека безбедносните служби преземаат комплексни оперативни мерки на целата територија на Белорусија.
Казакевич притоа посочи дека „таквите намери не се ништо ново, како проект на западните разузнавачки агенции, долго време великодушно финансирани“. Додаде дека од неодамна, по почетокот на војната во Украина, таквите планови вклучуваат и насилно уривање на власто во Белорусија.
„Припадници на незаконските воени формации, вклучително и во рамките на овој план, се обучуваат на територијата на Полска и се стекнуваат со борбено искуство на територијата на Украина“, рече Казакевич.
Летово во Минск беше објавено дека споменатата група BYPOL била создадена во октомври 2020 година на територијата на Полска на иницијатива на поранешни одметнати белоруски припадници на безбедносните служби. Но, според истиот извор, од мај 2021 година оваа формација се користи како платформа за обединување на сите противници на власта во Минск. Според тие сознанија, „крајната цела на активноста на BYPOL декларира насилна промена на уставниот поредок на Република Белорусија“.