
Карим Бензема, напаѓачот на Реал Мадрид и француската фудбалска репрезентација, е добитник на Златната топка, која француското спортско списание France Football му ја доделува на најдобриот светски фудбалер изминатата сезона.
Бензема беше најдобриот играч на Реал минатата сезона, а со одличните игри и голови го предводеше до освојување на новата титула во Лигата на шампионите. Вкупно во сезоната постигна 50 гола, од кои 15 во Лигата на шампионите.
34-годишниот Бензема првпат во кариерата ја освои оваа награда, наследувајќи го Аргентинецот Лионел Меси кој минатата година ја освои Златната топка, рекорден седми пат во кариерата. Тој ја доби Златната топка од рацете на легендарниот француски играч и неговиот поранешен тренер во Реал, Зинедин Зидан.
Во најтесната конкуренција Бензема ги победи второпласираниот Кевин де Брујен, третопласираниот Садио Мане и четвртопласираниот Роберт Левандовски.
Наградата за најдобар млад фудбалер му припадна на шпанскиот играч за врска 18-годишниот Гави од Барселона. Во таа конкуренција Французинот Едуардо Камавинга од Реал Мадрид го освои второто место, а фудбалерот на Баерн Џамал Мусиала го освои третото место.
Полјакот Роберт Левандовски, напаѓачот на Барселона од оваа сезона, ја доби наградата Герд Милер наменета за најдобар стрелец, додека за најдобар голман е прогласен Белгиецот Тибо Куртоа, инаку член на Реал. За најдобар клуб е прогласен Манчестер Сити.
Наградата за хуманитарен придонес во фудбалот, која годинава беше доделена првпат, ја освои Садио Мане, сенегалскиот репрезентативец и член на Баерн.
Шпанската фудбалерка и играчка на Барселона, Алексија Путељас, е избрана за најдобра светска фудбалерка, вторпат по ред.