Трас порача: Простете за грешките, но останувам

Британската премиерка Лиз Трас се извини за грешките во нејзината економска програма која предизвика потрес на финансиските пазари и остар пад на државните обврзници и фунтата, како и минимизирана доверба на инвеститорите како и нејзиниот рејтинг пред целосно да се ничкоса во понеделникот, но порача дека нема да се повлече од функцијата како што бараат некои влијателни пратеници од нејзината Конзервативна партија.

„Сакам да ја прифатам одговорноста и да се извинам за грешките кои се сторени. Сакав да дејствувам, но и да им помогнам на луѓето со нивните сметки за енергијата да се носат со проблемот со високите даноци, но отидовме предалеку и пребрзо“, изјави за BBC доцна ноќта во понеделникот премиерката Трас.

Министерот за финансии Џереми Хант, четвртиот на оваа должност од почетокот на годинава, кој беше именуван во петокот откако Трас го отпушти својот близок сојузник Кваси Квартенг, ги отфрли во понеделникот пред парламентот преостанатите главни елементи од нејзината програма, вклучително и намалувањето на нејзините опсежни енергетски поддршки.

Запрашана дали сега е премиерка само според името, Трас рече дека го именувала Хант бидејќи знаеле дека мора да го промени курсот.

„Би било целосно неодговорно да не дејствувам во националниот интерес на начинот на кој дејствував. Беше исправно тоа што ја променивме политиката“, додаде Трас.

Трас, којашто стана премиерка пред помалку од шест седмици, рече и дека ќе ја води нејзината Конзервативна партија на следните избори.

„Останувам затоа што сум избрана да работам за оваа земај. И тоа е она во што сум решителна да го правам“, истакна Трас.

Британската премиерка на крајот во понеделникот се појави на седницата во парламентот, пред обраќањето на министерот за финансии Џереми Хант, откако беше жестоко критикувана зошто не се појави претходно и оти не одговара на прашањата од пратениците, со обвинувања дека се крие.

Медиумите известувајќи од седницата во парламентот истакнуваат дека Трас седела со сериозен израз на лицето додека Хант на пратениците им го објаснувал својот пресврт во буџетската политика. Тој во говорот го отфрли речици целиот мини-буџет на премиерката и рече дека земјата мора да ги зголеми даноците и да ја скуси јавната потрошувачка за повторно да ги изгради стабилноста и довербата.

Меѓутоа, во саботата телевизијата Sky News објави дека министерот за одбрана Бен Валас, кој иако со најголем рејтинг се повлече од трката за премиер во полза на Лиз Трас, би можел да поднесе оставка доколку премиерката отстапи од ветувањата за зголемување на трошоците за одбраната.

Летово во текот на борбата за премиерската должност, Трас изјави дека до 2026 година буџетот за одбраната ќе биде зголемен од сегашните 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на 2,5 отсто, а до 2030 година потрошувачката треба да достигне 3 отсто од БДП-то. Тоа и беше главната причина Валас да ја поддржи во соочувањето со поранешниот министер за финансии Риши Сунак, кој одби да гарантира зголемување на одбранбениот буџет во споменатите рокови. Самиот Валас, кој е еден од најпопуларните политичари во владејачката Конзервативна партија и важеше за фаворит за премиерската функција, тогаш ја отфрли можноста да влезе во трката.

Прашањето за можната оставка на Валас се наметна во медиумите откако Џереми Хант рече дека речиси сите ресори ќе мора да ги намалат трошоците поради рецесијата и енергетската криза.

„Неопходно е да ги зголемиме трошоците за одбраната, но не можам да ви ветам веднаш кога точно тоа ќе биде сторено. Нашите можности да ги зголемиме трошоците за одбраната на долг рок ќе зависи од тоа колку ќе биде стабилна економската ситуација, и дали економијата ќе остане здрава и ќе расте“, рече Хант во саботата во интервју за BBC.