![awashhreqk0a8ifcf1tp](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/awashhreqk0a8ifcf1tp.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Интер од Мајами загуби со 0:3 од Њујорк Сити во доигрувањето на американската Мејџор Сокер лигата (МЛС), а тоа воедно беше и последниот натпревар на аргентинскиот фудбалер 34-годишниот Гонзало Игуаин.
По последниот свиреж на судијата, расплаканиот Игуаин неколку минути стоеше на теренот наведнат во тишина.
„Мојот сон заврши. Се чувствува како да завршува она што најмногу го сакав. Ова беше половината од мојот живот, мојата кариера, 17 ипол години. Низ главата ми минуваа сликите од целата кариера, што преживував, што правев, што доживував и заминувам пресреќен бидејќи сѐ дадов денеска. Сонот заврши и почнува другиот живот“, изјави подоцна Игуаин за новинарите.
Игуаин претходно во октомври ја најави својата одлука за завршување на играчката кариера, а не успеа да дојде до последниот трофеј во кариерата бидејќи неговиот Интер Мајами беше поразен на „Сити Филд“.
Аргентинецот кариерата ја започна во Ривер Плата а потоа се прослави во Реал Мадрид, Наполи и Јувентус пред во 2020 година да мине во Интер Мајами. Постигна повеќе од 300 погодоци во клупската кариера и 31 гол за селекцијата на Аргентина.
Игуаин освои три титули во шпанското првенство со Реал Мадрид и три во италијанското со Јувентус, но рече дека неговото најголемо постигнување е што бил познат како „добра личност“ во текот на целата своја кариера.