Обидот на Бајден да го казни OPEC+ ќе им наштети на САД

Обидот на американскиот претседател Џо Бадјен да ја санкционира групацијата производител на нафтата OPEC+ поради одлуката за намалување на производството на енергенсот, ќе ги погоди самите САД, пишува коментарот за енергетските пазари на деловната новинска агенција Bloomberg News.

Со својот потег OPEC+ всушност ги отфрли сугестиите и барањата од САД да не го намалува значително производството. Се проценува дека на американскиот претседател Џо Бајден не му одговара раст на цените на бензините во пресрет на изборите за Конгресот кои ќе се одржат на 8-ми ноември. Бајден цела година се обидува да ги намали цените на бензините во САД, кои по енормниот скок во март се во надолна линија, што неговиот кабинет го претставува како големо достигнување.

Колумнистот и аналитичар на агенцијата Хавиер Блас забележува дека Вашингтон формално може да се потпре на „законот за забрана на картели за извози и производство на нафта“ познат како NOPEC.

Според Блас, доколку Белата куќа поднесе антмонополска тужба против споменатата групација којашто ја сочинуваат земјите од Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нивните сојузници големи независни производители предводени од Русија, за наводно манипулирање ан цените на светските пазари на нафтата, тогаш ситуацијата може да се развие на „најкатастрофален“ начин.

Авторот на написот претпоставува дека САД сигурно ќе го добијат процесот пред сојузниот суд против Саудиска Арабија, но оти тешко ќе можат да остварат некаква материјална компензација.

Невидената ескалација, смета Блас, ќе ги принуди земјите од Персискиот залив да преземат остри одмазнички мерки. На пример, ќе ги принуди Саудијците да се ослободат од американските финансиски активи, во прв ред државните обврзници, што може да ја урне американската берза.

„Според владините податоци, заклучно со крајот на јули, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак како целина директно поседувале околу 246 милијарди долари во американски државни обврзници“, потсетува во колумната Блас.

Покрај тоа, авторот наведува и дека постои ризик Ријад да почне да ги избегнува американските финансиски активи, и да ја пренасочува продажбата на саудиската нафта и отворено да заговара цените на нафтата да се изразуваат и во други валути.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој вршеше притисок особено врз Ријад да нема кастрење на производството во услови кога САД и западните сојузници се обидуваат преку лимитирање на цените на руската нафта и други санкции да ги скратат приходите на Москва, на почетокот од октомври изрази разочарување поради намаленото производство и се закани дека ќе „има последици“ за Саудиска Арабија.

Намалувањето на производството ја намалува и понудата на пазарот и ја зголемува можноста од раст на цените на горивата во САД, во пресрет на општите американски избори во ноември, на кои според анкетите Демократската партија на Бајден лесно може да ја загуби контролата и во двата дома на Конгресот.