Свеќите станаа најбарана стока во Украина. Од вчера почнаа периодични прекини на струја низ цела Украина од 7 до 23 часот. Претседателот Владимир Зеленски апелираше до граѓаните максимално да ја намалат потрошувачката на електрична енергија за да се избегне целосен електричен колапс.
Експертите истакнаа дека 40 отсто од енергетската инфраструктура на Украина е оштетена и покрај сите напори не може брзо да се санира. Во регионот на Киев е побарано од граѓаните да ги исклучат дури и фрижидерите.
Во цела Украина е прогласена закана од воздушни напади. Сирените прво се слушнале во централниот дел на Украина, а потоа и во Одеса. Вчера руската армија продолжи да таргетира термоцентрали и трафостаници, како и важни воени објекти.
Четири енергетски објекти се делумно или целосно уништени во регионот на Миколаев на југот на Украина.
Сите досегашни обиди на украинската армија да направи подлабок пробив на југоисточниот фронт пропаднале. Со проектили на нив реагира руската авијација и артилерија.
Во Киев не го кријат гневот кон раководството на Иран и го обвинуваат дека им продава дронови на Русите. Претседателот Зеленски огорчено вели дека „Иран заработува крвави пари“. Претставниците на Русија и Иран на седницата на Советот за безбедност на ОН негираа дека имало купопродажба на ракети и беспилотни летала.
За да докаже дека руските беспилотни летала успешно погодувале цели, Министерството за одбрана на Русија вчера прикажа видео од нивното беспилотно летало „Лансет“ како погодува украинска воена опрема. Овој дрон има домет од 40 километри и се движи со брзина од 100 километри на час. Компанијата која ги произведува овие беспилотни летала тврди дека на украинскиот фронт досега се користени повеќе од 400 „ланцети“.