Политиката во спрега со енергетската и економската криза

Во неделава што доаѓа се навестуваат повеќе политички теми меѓу кои и оние поврзани со евроинтеграцискиот процес, покрај енергетската и економската криза.

Собранието утре треба да одржи седница на која би можело да биде избран новиот министер за локална самоуправа и да бидат избрани двајца нови уставни судии, а доколку се потврди мнозинството и законите поврзани со енергетската и економската криза и други закони кои се на дневен ред на 88. седница. Најавени се и седници на собраниски комисии. Во четврток е закажана седница за пратенички прашања.

Дополнително, деновиве се отвори и темата „пратеници за уставни измени“. В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари најави дека во текот на оваа недела ќе ги соопштат условите за нивните пратеници да гласаат за отворањето на Преамбулата на Уставот.

Пратениците на Алијанса на Албанците начелно ќе гласаат за уставни измени, но имаат услови, коишто во текот на неделава ќе им ги презентираат на „поважните амбасади низ Македонија“. Еден од условите е да се тргне „терминот 20 проценти“ од Уставот и македонскиот и албанскиот јазик да се користат како службени јазици во земјата, рече Таравари.

-Ние ќе гласаме начелно меѓутоа ќе имаме услови. Што ќе биде нашиот услов е работа што идната недела ќе ја промовираме прво низ поважните амбасади низ Македонија, ќе кажеме што е нашиот главен услов, нормално вториот услов е од Уставот да се тргне терминот 20 проценти, практично да се користат како службени јазици и македонскиот и албанскиот. Но првиот услов ќе биде многу интересен, вели Таравари во интервју за Радио Слободна Европа.

Според него, условите на АА се подготвени со меѓународни експерти, кои дале „и идеја и предлози што би било убаво за целата држава“.

-Мислам дека тоа нема да може да се одбие од која било политичка партија во Македонија, вели Таравари.

Тој кажа дека Алијансата за Албанците е подготвена за предвремени избори некаде во март – април ако има избори, но смета дека во овој период на криза партиите треба да бидат сплотени.

-Јас инсистирав и претходно на непартиска експертска влада, изјави Таравари.

Тој демантира дека се сретнал с о лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Димитар Ковачевски за евентуални преговори за влез во Владата.

На ова на социјалните мрежи вчера се огласи претседателот на Левица Димитар Апасиев. Пораката што ја упатува е до помалите партии на Албанците – АА, Беса и други односно до Таравари, Села, Касами… дека не можат да го победат ДУИ доколку целат кон десно.

-Така што имате само еден избор – или сменете ја плочата (кон центар или кон лево) или спремете се пак и пак и пак да бидете сомелени од ДУИ на следни избори, напиша Апасиев.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски запрашан за условувањата од страна на пратениците Албанци дека ќе поддржат ставање на други народи во Преамбулата само доколку албанскиот јазик стане официјален во земјата, во саботата рече дека тоа е непринципиелно и неевропски.

– Ако ме прашувате за процесот на менување на Преамбулата на Уставот со цел вклучување на делови на народи, па како реакција на тој процес се јавува тој процес, можам да кажам дека е непринципиелно и неевропско, затоа што вие ако верувате во европската агенда како што велат, треба да веруваат безусловно а не со услови. Тоа е суштината на тој процес, рече лидерот на опозициската партија.

Под овие околности под диктат и ултиматум, потенцираше тој, нема да се согласиме како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да се промени Преамбулата затоа што ќе биде тоа понижувачки за нас.

-Затоа што нашата цел не е започнување на преговорите, кои според Владата се започнати, туку нашата крајна цел е да биде Македонија дел од ЕУ и ние сме подготвени за тоа да разговараме да добиеме определени гаранции дека ова е последно барање дека нема да бидеме дополнително предмет на вето од страна на нашиот источен сосед, дека нема да бидеме предмет на асимилација и хегемониско однесување, дециден е Мицкоски.

Според Мицкоски прашањето за употребата на албанскиот јазик е предмет на Законот за јазици кој е пред уставниот суд.

-Во едно интервју кажав дека треба да ја почекаме одлуката на Уставниот суд. Доколку мислите на онаа норма од дваесетина проценти, исто така многу пати во минатото сум кажал подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија и притоа треба да разговараме и за нормата Бадентер, за нормата балансер, да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка, или дел од некаква квота или процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкуретни, имаат знаење и.т.н, рече тој.

Се надевам, додаде тој, дека политичарите Албанци во Македонија нема повеќе да ги потценуваат граѓаните Албанци во Македонија и нема да ги третираат како процент, туку како рамноправни граѓани па ќе седнеме и ќе договориме конечно нормите Бадентер и балансер да бидат избришани и заедно со тоа со сите останати работи и барања да разговараме.

ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски нема да поддржи отворање и интервенции во Уставот се додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од источниот сосед.

Владејачката СДСМ реагираше на овој став на Мицкоски.

-Два концепти имаме во државата – едниот предводен од Ковачевски и коалицијата која е за европска Македонија и која заедно со доминантниот дел од граѓаните сака да ја види државата како дел од ЕУ. Вториот концепт е оној на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се противат на членството во ЕУ, наведе СДСМ во соопштението.

Потенцираа дека уставните измени треба да се случат за да продолжи напредокот кон ЕУ се до полноправно членство.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во телевизиско интервју пред неколку дена изјави дека иницијативите за референдум и прашањето за промена на Уставот се суверена одлука на земјата, порачувајќи дека фокусот, сепак, треба да биде ставен на реформите.

– Прашањето за менување на Уставот или за референдум е суверена одлука, не сакам да кажувам што треба да биде направено или не, тоа не е моја работа, но фокусот треба да биде ставен на реформите. Подобро е да се фокусирате на реформите, на нивното усвојување и обезбедување на нивна имплементација отколку да се посветите на други иницијативи кои би можеле да значат чекор назад, рече Гир.