За Лавров неосновани се отфрлањaтa на Западот за „валканата бомба“, САД се закануваат со „последици“ за Русија

Москва ги смета за неаргументирани негирањата на западните земји на руските предупредувања дека Украина се подготвува за провокација со ткн „валкана бомба“ за што треба да биде обвинета Русија, изјави во понеделникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, додека портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс ѝ се закани на Москва дека ќе се „соочи со последици“ доколку употреби „валкана бомба“ или нуклеарно оружје.

„Неоснованите негирања на нашите западни колеги дека сето тоа е фикција и дека самата Русија планира да направи нешто слично за подоцна да го обвини режимот на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски, претставуваат несериозен разговор“, рече Лавров за новинарите во рамките на состанокот на меѓународниот тинк-тенк „Валдаи“.

„Некои од нашите соговорници вистински се понудија да разговараат за информациите коишто ги поседуваме на професионално, воено ниво. Тоа е пристап кој го поддржавме“, додаде шефот на руската дипломатија, кого го цитираше агенцијата РИА.

Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, во телефонски разговори во неделата ги предупредил колегите од САД, Велика Британија, Франција и Турција, дека Москва поседува проверени информации од повеќе извори, вклучително и странски, дека лица од непосредното опкружување на Зеленски се во контакт со британски претставници и подготвуваа детонација на „валкана бомба“ за која ќе биде обвинета Русија.

За истата тема во понеделникот разговараа и началникот на рускиот Генералштаб, генералот на армија Валерија Герасимов со американскиот и британскиот колега, генералот Марк Мили односно адмиралот Тони Редкин.

Главниот командант на руските сили за радијациска, хемиска и биолошка одбрана, генералот-полковник Игор Кирилов изнесе во понеделникот попрецизни податоци и ја повтори оцената дека „целта на Украина и нејзините западни куратори е Русија да биде обвинета за користење оружје за масовно уништување на украинското боиште и да започне силна антируска кампања“ чија крајна цел е да се покрене кампања меѓу земјите блиски на Москва за одземање на статусот на Русија постојана членка на Советот за безбедност при ОН.

Кирилов притоа порача дека руските сили се подготвени да дејствуваа во услови на контаминација којашто може да зафати и поголем простор од соседните држави, особено на соседната Полска.

Американски воен функционер во понеделникот за новинарите рекол дека САД немаат индикации дека Русија решила да употреби нуклеарно оружје, пренесе агенцијата Reuters.

Меѓутоа, подоцна во понеделникот портпаролот на американската дипломатија Нед Прајс ѝ се закани на Русија со „последици“ во координација со изјавата од неделата ноќта на Зеленски во која имплицираше дека наводно Москва се подготвува за таква акција.

Запрашан дали Вашингтон ќе го третираат користењето на „валкана бомба“ на ист начин како и употребата на нуклеарно оружје, Прајс рече дека „ќе постојат последици за Русија во секој случај“.

„Без разлика да употреби валкана бомба или нуклеарна бомба. Бевме јасни по тоа прашање“, рече Прајс пред новинарите во понеделникот вечерта по средноевропско време.

Истовремено генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги отфрли руските предупредувања дека Украина има намера да активира „валкана бомба“ против своето население за да ги обвини руските сили.

„НАТО сојузниците ги отфрлаат руските обвинувања. Русија тоа не смее да го употреби како изговор за ескалација“ изјави Столтенберг, всушност одговарајќи на предупредувањето на Шојгу од неделата до неговите западни колеги дека таков инцидент би довел до „неконтролирана ескалација“.

„Валканата бомба“ всушност претставува контејнер со радиоактивни изотопи и експлозивно полнење. Кога полнењето ќе биде детонирано, контејнерот се уништува а радиоактивниот материјал се распрснува со ударен бран, создавајќи радиоактивна контаминација на голема површина.

Според презентацијата во руското министерство за одбрана, кога во Украина би била детонирана „валкана бомба“ радиоактивните изотопи ќе се шират во атмосферата на растојание до 1.500 километри и може да ја прекријат Полска.