Во интервјуто на Спасовски во „Вин Вин“ на ТВ Телма, одговарајќи на прашањето околу пораката што ја упати в.д. амбасадорот на САД Ерик Мејер, дека недостига едно парче во антикорупциската сложувалка во државата, потврди дека пораката е упатена до сите оние кои се обидуваат своите интереси да ги стават пред интересите на граѓаните и на државата, и во делот на политиката, а особено во бизнисот.
„Секој еден кој што смета дека тој, неговите пари, неговиот бизнис се поважни од судбините на два милиона граѓани на оваа држава – секако тоа треба да биде прекинато“, порача министерот Спасовски, додавајќи дека постојат структури кои што ги злоупотребуваат позициите во институциите, но и пошироко.
„Ние мораме да најдеме јасни механизми кои што ќе придонесат сите овие негативни појави да бидат сузбиени, односно процесуирани“, рече Спасовски.
Во однос на добивањето на лиценци за производство на медицински канабис, министерот подвлече дека пренагласено се влезе во тој бизнис: „Кога ќе се отворат нови можности во делот на бизнисот дали е тоа во делот со медицинскиот канабис или друго, сите мислат дека сега е моментот да направат одреден бизнис. Имаше многу недостатоци во овој дел и затоа беа одземени многу од лиценците“, потсети Спасовски.
„Или треба да се донесе закон со кој што ќе се овозможи легално да се продаде тоа што ќе се произведе во овие фабрики за медицински канабис или ако не нуди државата таква можност од икс причини, тогаш не треба да се издаваат, туку треба да се одземат лиценците“, додаде тој.