Најмалку 100 загинати во експлозиите во Могадишу

Најмалку 100 луѓе се убиени, а 300 се повредени во експлозиите на два автомобила-бомби кои во саботата ја потресоа сомалиската престолнина Могадишу, изјави во неделата утрото претседателот Хасан Шеик Мохамуд.

„Нашите луѓе кои се масакрирани.. вклучително и мајки со деца во прегратките, татковци кои имале здравствени проблеми, студенти кои се испратени на студии, деловни луѓе кои се бореа за животите на своите семејства“, изјави претседателот Мохамуд по посетата на местото на експлозиите.

Според него, бројот на жртвите би можело дополнително да се зголеми, бидејќи многу од повредените се во критична и тешка состојба.

Ниедна групација не ја презема досега одговорноста за нападот, иако сомалиските власти ја обвинија исламистичката група ал-Шабаб. Оваа бунтовничка организација вообичаено не ја презема одговорноста за нападите коишто резултираат со голем број цивилни жртви.

Првата експлозија одекнала во близина на министерството за образование кај фреквентна крстосница, а втората следела кога дошло возило на итната медицинска помош и луѓето кои се собрале да им помогнат на жртвите во првата детонација.

Нападот е изведен на истото место како и најголемиот бомбашки напад во Сомалија во кој загинаа повеќе од 500 луѓе во 2107 година.