
Две еколошки активистки се залепија во неделата за носач на скелет на диносаурус во берлинскиот Природонаучен музеј во знак на протест против климатските политики на германската влада.
Во Берлин двете жени со портокалови елеци се залија за металниот носач на костур на диносаурус стар повеќе од 60 милиони години. Носеа транспарент на кој пишуваше „Што ако владата ја нема контролата над ситуацијата?“.
Едната од нив, 34-годишната Карис Конел за медиумите изјави дека се плаши од „шумските пожари, недостигот од вода, гладот и војните“. „Диносаурусите исчезнале бидејќи не можеле веќе да ги издржат климатските промени. Тоа ни се заканува и нам“, изјави жената.
Нејзината соактивистка Солвиг Шинкоете рече дека како мајка на четири деца се плаши од последиците од климатските промени.
„Ненасилниот отпор е начин на кој се решивме за да ги заштитиме своите деца од погубната неупатеност на владата“, изјави ова 42-годишна активистка.
Музејот соопшти дека инцидентот е разрешен за неполн час со интервенција на полицијата. Причинета е материјална штета и сторителките ќе бидат кривично гонети, се наведува во соопштението.
Станува збор за најновата акција на климатските активисти во музејските простори, откако цел им беа познати уметнички дела во повеќе европски градови.
Минатата недела активисти на еколошката протестна група Letzte Generation (Последното поколение) ја залеаја со густа жолта течност, веројатно компирово пире, во неделата сликата на францускиот уметник Клод Моне од серијата „Стогови“ во музејот „Барберини“ во германски Потсдам.
На почетокот од јули двајца активисти против фосилните горива ги залепија рацете на рамката на делот „Праски во цут“ на Винсент ван Гог во галеријата „Кортолд“ во лондонски Ковент Гарден.
Во јули климатски активисти на италијанското движење „Последната генерација“ (Ultima Generazione) биле одвлечени во петокот од припадниците на обезбедувањето спречувајќи ги во налудничавиот обид да ги залепат своите раце врз уметничкото ремекдело „Пролет“ (Primavera) на Сандро Ботичели во фирентинската галерија „Уфици“.
Двајца климатски активисти на групата Extinction Rebellion беа уапсени на 10-ти октомври, откако се залепија за дело на славниот сликар Пабло Пикасо во Националната галерија на Викторија во Мелбурн. Активистите се залепиле за стаклената заштита на Пикасовиот „Масакр во Кореја“, стоејќи со транспарентот „Климатски хаос = војна + глад“, со што имале намера да ја нагласат наводната поврзаност меѓу климатската катастрофа и човековото патење.
Активистите на еколошкото движење Just stop oil, кои со седмици протестираат во британската престолнина Лондон на 14-ти октомври ја полеаја со супа сликата „Сончогледи“ на холандскиот сликар Винсент Ван Гог во Националниот музеј. Музејот подоцна соопшти дека платното, заштитено со стакло против обиди за вандализирање, не било оштетено.
Следниот дел активистите од истата група со портокалова боја го испрскаа излогот и фасадата на салонот за автомобили на концернот „Aston Martin“ во центарот на Лондон, а на 17-ти октомври го блокираа мостот на Елизабета Втора во областа Дартфорд Кросинг, поради што сообраќајот по една од клучните делници на М25, кружниот автопат околу Лондон, беше во прекин неколку часа.
„Ultima Generazione“ започна со ваквите акции во Италија од ланскиот декември, кога ги блокираа патиштата околу италијанската престолнина Рим. Таа е една од бројните активистички групи што се појавија низ Европа, како и во Канада и Австралија, инспирирани од тактиката на „Insulate Britain“, чии протести за блокирање на патиштата околу Лондон и југоисточна Англија предизвикаа огромни нарушувања и поттикнаа национален разговор за климатските промени и домашна изолација.
Групациите како „Insulate Britain“, „Just Stop Oil“ и „Ultima Generazione“ се финансирани од Фондот за климатски итни случаи со седиште во САД, коешто се промовира како „филантропски фонд формиран за канализирање пари за насочување кон активистички групи“, кои во многу земји се доживуваат и како протагонисти на обидите за наметнување нов едномислечки систем и ткн „култура на бришење“.