Атанасов: Македонците се Македонци и не е убаво ние Бугарите да тврдиме нешто друго

Македонците се Македонци и не е убаво ние да тврдиме нешто друго. Проблемите меѓу двете земји се последица на тоа што историската комисија ѝ беше дадена на „концесија“ на ВМРО-БНД и нејзините пропагандисти, па затоа не дава позитивни резултати, истакна бугарскиот професор по историја Димитар Атанасов во телевизиски настап на Еуроњуз Бугарија.

Според него, заедничката комисија за историско-образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија не може да постигне успех едно од главните лица во бугарскиот тим на комисијата е заменик претседател на ВМРО-БНД и „партиски пропагандист“, а дел од членовите го негираат македонскиот идентитет.

– Некои од тие луѓе и до ден денешен тврдат дека Македонија е Бугарска, пројавуваат неуважување кон современиот македонски идентитет, кон фактот дека македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик постојат и ние немаме право да кажуваме дека тоа не е така. Како што јас немам право да ви речам дека треба да се нарекувате поинаку од она како што се нарекувате, така и вие немате право да тврдите дека јас не сум Димитар, туку дека сум Петар на пример. Јас сум Димитар и точка по прашањето. Македонците се Македонци и не е убаво ние да тврдиме дека тие се нешто друго. Треба да прекинеме со тоа – рече Атанасов.

Тој истакна дека промена на историскиот наратив треба да се направи и во бугарските, а не само во македонските историски книги.

– Ако погледнеме подлабоко, голем дел од бугарскиот наратив за Македонија почива на ненаучни основи. Тоа е поврзано со пропагандата од крајот на 19 и првата половина на 20 век, според која Македонија треба да се распарчи меѓу одредени балкански земји, меѓу кои како главна се гледа Бугарија, Но, сега ситуацијата е многу поинаква, многу одамна помина тоа време, и ништо не најавува дека тоа ќе се врати. Затоа, првото кон кое треба да се стремиме не е дали Северна Македонија исполнува некакви услови, туку дали бугарската политичка и академска елита потпомага бугарската држава да заземе една доста поадекватна позиција, од гледна точка на современата наука, кога говори за историјата. Да не се залажуваме, ние немаме начини да влијаеме на случувањата во Скопје, но врз тие во Софија имаме – посочува Атанасов.