Синдикатот бара разрешување на директорот на „Водовод“

Синдикалната организација на „Водовод и канализација“ и Синдикатот на угостителство, туризам и комунални дејности (СУТКОЗ) денеска побараа од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да го разреши в.д. директорот на претпријатието Марјан Митовски поради, како што велат, незаконско работење.

Претседателот на синдикалната организација на „Водовод“ Стојанче Кашиковски, посочи дека сите нивни активности не се насочени кон градоначалничката на Град Скопје, туку дека бараат помош од неа за да се справат со новонастаната ситуација во претпријатието и, како што тврдат, незаконското работење на в.д. директорот кој не ги почитува одлуките на Управниот одбор. Од синдикатот беше презентиран и документ од специјалист дека в.д. директорот има „мешано анксиозно и депресивно растројство“.

– Градоначалникот именува директори на јавните претпријатија и градоначалникот разрешува директори на јавни претпријатија и согласно тоа ја сноси целокупната одговорност за нивните постапки и активности, како и ја сноси одговорноста за нивниот избор и назначување, истакнаа денеска од синдикатот.

Синдикатот донесе одлука за користење на правото на штрајк која се очекува утре да биде потврдена на највисокиот орган на Синдикатот СУТКОЗ по што ќе биде известено Министерството за труд и социјална политика веднаш да определи помирувач.

За во 14.30 часот прес-конференција најави в.д. директорот на „Водовод и канализација“, Марјан Митевски.