Комесарката за енергетика на Европската Унија Кадри Симсон денеска пристигна во посета на Киев за да обезбеди поддршка за енергетскиот сектор на Украина, која е погодена од војна.
„Денеска сум во Киев за да помогнам да се зголеми поддршката за енергетскиот сектор на Украина. Украинската енергетска инфраструктура е под целен напад од Русија, сурова и нехумана тактика да предизвика човечко страдање со приближувањето зимата. ЕУ стои покрај Украина“, напиша Симсон на Твитер.
Симсон пристигна во Киев еден ден откако руските ракетни напади оставија многу области во Украина без струја и вода, а еврокомесарката рече дека работи на зголемување на финансиската, техничката и практична помош за Украина бидејќи лично го видела обемот на воената штета.
„Ова мора да дојде од институциите на ЕУ, земјите-членки, нашите меѓународни партнери и приватни донатори. Немаме време за губење!“, порача Симсон.
Украинската енергетска инфраструктура е цел на руски воздушни напади од почетокот на војната во февруари, а тие напади се интензивираа откако експлозија го оштети стратешки важниот Кречки мост на Крим.
На 20 октомври, украинската влада ги објави плановите за намалување на потрошувачката на енергија низ целата земја за 20 отсто поради помалото производство од оштетените енергетски капацитети.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, 30 отсто од електраните во Украина се уништени во нападите од 10 до 18 октомври.