Се враќале дома во 7 навечер и читале класици

Генерацијата матуранти 1953/54 од битолската Гимназија утре слави 60 години матура. Во текот на 6-те децении тие се среќавале на секои 5 години, но последните години се среќаваат многу почесто. Тие беа генерација која тогаш учеше во Гимназцијата кога се беше средено после војната.

-Немавме телевизија, компјутери, телефони, цел живот и младоста ни помина во Гимназијата, вели Викторија Османли.

Тогаш образованието беше поинакво, вели Викторија Османли која заедно со сопругот Ѓорѓи заедно матурирале. Викторија Османли работела како професорка по француски и латински јазик, а Ѓорѓи Османли како специјалист педијатар-неонатолог кој ја основал службата за неонатологија во Битола. Иако на почетокот во нивната генерација се запишале околу 300 ученици, успеале да матурираат само 40, а сите тие се запишале и завршиле факултет.

-Кога завршивме, дали дека си го сакаме градот или како трагедија сите се вративме во Битола, вели Османли.

Во тоа време постоеше големо другарство.

-Си се помагавме, тогаш немаше спремање кај професори за пари, подобрите ученици им помагаа на другите, вели таа.

Бидејќи нејзиниот работен век го поминала како професорка, вели дека мора да има разлика во знаењето на учениците.

-Не мораше да се прави како сега, на овој ученик да му се даде двојка или тројка, зашто треба да се запише на тој и тој факултет. Затоа и овие резултатите од екстерното, излегуваат други бројки, зашто се приморани да дадат добри оцени, не може кога ќе ги отворите дневниците сите да се петки, мора да има диференцијација, вели Викторија Османли.

Какви се сегашните деца.

-Децата сега се пољубопитни, но немаат речник, вели таа.

Утрешниот ден го чекаат со нетрпение, да се навратат на спомените. На утрешен ден пред 60 години амбициозни и полни со ентузијазам зачекорија во иднината. Навраќајќи се во минатото, се потсетуваат на заедништвото, другарството, меѓусебната помош и несебичното давање кои оставија трајни постулати на нивната иднина и иднината на многу генерации после нив.