-РЕК Битола и РЕК Осломеј заедно имаат инсталиран производствен капацитет од 810 мегавати. Тој капацитет не е искористен, ниту половично. Имено, на 24 октомври според јавно достапни информации, а кои ги објавија и медиумите, се гледа дека во функција биле 361 мегавати, односно 44,6% од инсталираниот капацитет. И во такви слаби услови, термоелектраните произвеле над 70% од домашната струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека на 24 октомври се произвеле вкупно 11.000 мегават часови струја од сите енергетски капацитети, а потрошени се 13.000 мегавати. Што значи дека се увезени 2.000 мегавати.
-Со целосно искористување на капацитетот на РЕК Битола и РЕК Осломеј, што ќе беше можно доколку навремено се копаше јаглен и доколку беа целосно оперативни блоковите, само од термоелектраните ќе се произведеше близу 19.000 мегават часови струја. Но, и под претпоставка истите да работеа со 70% од капацитетот, ќе се задоволеа потребите на државата, а останата струја од другите извори ќе можеше да се извезе и ЕЛЕМ ќе бележеше профит. Со 70% искористеност на РЕК Битола и Осломеј, се што би произвел ТЕЦ Неготино ќе се извезеше, а дополнителни количини ќе имаше и од хидроакумулациите и ветерниот парк Богданци, струја која е поевтина и би се искористила за домашна употреба, а таа од термоелектраните би можела да се продава, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со правилно оптимизирање, ЕЛЕМ во изминатиов период ќе можеше да врши извоз на струја од над милион евра дневно. А, за увоз воопшто немаше да се зборува. СДС не знае да менаџира со енергетските капацитети, затоа и граѓаните и бизнисот плаќаат скапа струја.