Вучиќ утре на воената вежба „Маневри 2022“

Српскиот претседател Александар Вучиќ и врховен командант на вооружените сили утре ќе присуствува на заедничката вежба на вооружените сили на Србија, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, претседателот на Србија ќе присуствува на вежбата „МАНЕВРИ 2022“ во воениот комплекс „Пасуљански Ливади“ кај Параќин.

Министерот за одбрана Милош Вучевиќ во вторникот изјави дека по наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ, поради ситуацијата на Косово, српската армија е во состојба на готовност и дека нивото на борбена готовност е подигнато.

Вучевиќ во гостувањето на ТВ Хепи рече дека Србија е сериозна земја и затоа никој не треба да игра „воени игри“.

Тој денеска за РТС потврди дека Вучиќ ја подигнал борбената готовност на српските вооружени сили и поради беспилотните летала кои наводно дошле од Косово и „имајќи го предвид искуството на украинскиот фронт“ за да нема административни доцнења во командниот синџир.

Вучевиќ изјави дека Вучиќ „издал наредба секој таков објект да биде елиминиран или ставен под наша контрола“ и дека борбените авиони МИГ 29, кои ги активира Србија, не се подигнати поради беспилотните летала, туку дека „патролираат на нашето небо“.