Баерн од УЕФА веќе заработи 94.000.000 евра

Најтрофејниот германски клуб, Баерн Минхен, вторпат по ред, а трет пат во последните четири години, ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите, со максимални шест победи.

Баерн собори неколку клупски рекорди во најелитното клупско натпреварување, во шестте натпревари прими само два гола. Интересно двата гола ги примија во пресметката со најслабиот тим во групата, Викторија Плзен.

Сепак, раководството на клубот го преферира финансискиот дел. Благодарение на резултатите во групата во која беа и Интер, односно Барселона, Баерн само од УЕФА веќе заработи 94.000.000 евра, а допрва следува нокаут-фазата.

Само учеството во групната фаза им обезбеди 15.640.000, а од шесте победи инкасираа 16.800.000 (секој триумф вреди 2.800.000 евра).

Историскиот бонус за рангирање им донесе 35.260.000 евра, а 11.600.000 ќе одат на сметката на клубот врз основа на уделот од пазарот поврзан со минатогодишниот настап во натпреварувањето.

Пласманот во осминафиналето вреди дополнителни 9.600.000, додека клубот ќе добие уште најмалку 5.100.000 евра од вториот дел маркетиншките права.

Што се однесува до вториот дел од паричниот фонд, односно заработката од ТВ правата поделена на земјите на тимовите учесници, сумата може да се зголеми во зависност од тоа колку натпревари ќе одигра Баерн во споредба со другите германски тимови во Лигата на шампионите, во осминафиналето се и Борусија, Ајнтрахт и Лајпциг.

Наведената сума се однесува само на парите што ги дели УЕФА, а кога на неа ќе се додадат и приходите од трите натпревари што клубот ги одигра на домашен терен, како и потенцијалната заработка од веќе обезбедениот дуел во осминафиналето. Не е тешко да се претпостави дека Баерн до четвртфиналето ќе биде побогат за над 100.000.000 евра врз основа на настапите во Лигата на шампионите.

Пласманот во четврт-финалето вреди 10.600.000 евра. во полу-финалето 12.500.000 евра, а во финалето 20.000.000 евра. Доколку стигне до крајот тука треба да се пресметаат и приходите од продажбата на билетите и ТВ правата.

Ова значи дека Баерн може да заработи над 150.000.000 евра доколку го освои трофејот во Лигата на шампионите.