Велика Британија ѝ испорачала на Украина подводни дронови со кои неодамна беше извршен неодамнешниот напад врз бродовите на руската Црноморска флота во Севастопол и обучувала украински поморски специјалци за диверзии во Црното и во Азовското Море, обвини во четвртокот руското министерство за надворешни работи.
Претходно денеска во руското Министерство за надворешни работи била повикана британската амбасадорка во Москва, Дебора Бронерт, пренесуваат руските медиуми и притоа ѝ бил врачен остар протест против учеството на Лондон во обуката на украински војници за изведување специјални операции против руски цели и интереси.
Притоа, руската дипломатија конкретизира дека во септември 2020 година меѓу Лондон и Киев бил постигнат договор за проширување на програмата за обуката што ја спроведувале британски инструктори на украинските воени нуркачи.
„Кон крајот на 2020 година, двете страни започнале со спроведување на програмата за изведување закани во Црното Море под наслов Иницијатива за поморска окука за украинската воена морнарица, која меѓу другото вклучува обука на воени нуркачи“, се наведува во соопштението кое го цитира агенцијата РИА.
Подводните диверзанти биле обучувани во центарот за специјални операции „Југ“ во Очаково, во Миколаевската област. Во Одеса, во школата за воени нуркачи, била изведувана обука за „нуркач за специјални намени“ за развој на вештини за изведување диверзии на големи длабочини.
„На бреговите и во акваториумот на Црното Море во близина на градовите Одеса, Миколаев и Очаков, со учество на британски специјалци, единици на украинската воена морнарица извршија нуркања, вклучително и тренинзи со експлозии на објекти“, тврди руското Министерство за надворешни работи.
Во август и септември годинава, на островот Первомакско во водите на вливот на Дњепар, три километра јужно од Очаков околу 15 британски инструктори ги обучувале припадниците на вооружените сили на Украина за управување со подводните беспилотни уреди опремени за уништувања бродови.
Утрото на 29-ти октомври Москва го обвини Киев дека се обидел со подводни и воздушни дронови на изведе напад врз руските воени и цивилни бродови во близина на базата во Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота. Руската страна обвини дека некои од дроновите биле лансирани од цивилни бродови од зоната на ткн хуманитарни коридори преку кои од украинските пристаништа се извезуваат житарките.