
Јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција или со членување во одредена политичка партија, рече новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, одговарајќи на новинарско прашање во однос на неговата блискост со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што потекнуваат од исто село
– Никогаш не сум бил член на политичка партија. И во моето досегашно работење никогаш не сум оставил впечаток дека јас сум имал некакви релации или позиции со политички партии. Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него – изјави Абази.
Јавноста веднаш го поврза Абази со Ахмети затоа што потекнуваат од истото село, Зајас, Кичевско.
– Дружењето со такви личности не е забрането. Тоа е непристојно дружење, но не е забрането. Јас можам да се дружам со секој човек кој не е дел од јавнообвинителска постапка. Јавнообвинбителската функција е неспоива со друга функција и со членство во партија. Јас не сум член на ниту една политичка партија и не сум оставил впечаток дека имам релации со партија – рече Абази.
Тој им се заблагодари на колегите обнвинители што му ја дале довербата да го води ЈО за гонење на организиран криминал и корупција и што учествувале во постапката за избор, што тој ја оцени како фер и транспарентна.
– Ова е нов начин на избор, според новото законско решение и целта е да се дојде до поголема самостојност на ЈО ГОКК и со тоа да се избегнат сите надворешни влијанија што може да се појават. Освоените 66 гласа се голема одговорност за мене и мотив колку можам подобро и професионално да работам во ова обвинителство, кое има сериозна задача да се бори против организираниот криминал и корупцијата – рече Абази.
Наследникот на Вилма Русковска, на која ѝ истече мандатот, рече дека не е изненаден од изборот затоа што бил во постојана комуникација со останатите обвинители и на сите цело врме им ја изложувал својата програма. Рече дека почнал во обвинителството во Кичево, па пет години работел во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, кое го раководи во последните четири години и дека во тоа обвинителстѕво биле решени сериозни предмети за сериозни кривични дела. Но, на новинарско прашање да даде пример од своето професионално минато и да посочи кој посериозен случај со организиран криминал го решил, обвинителот Абази рече дека не сака да говори за минатите предмети, туку за идните, но спомна дела со пресуден доживотен затвор или казни од 40 години затвор.
Иако тој не ја претстави својата програма пред изборот, Абази денеска рече дека професионално ќе го застапува ОЈО ГОКК заедно со колегите-обвинители.