Претседателите на Колумбија и Венецуела, Густаво Петро и Николас Мадуро на климатскиот самит КОП27 (COP27) повикаа на формирање сојуз за заштита на Амазонија, најголемата тропска шума на планетата, јави агенцијата Анадолија.
– Одлучни сме да ја преродиме амазонската прашума како би му пружеле на човештвото важна победа во борбата против климатските промени, истакна Петро на климатскиот самит на Обединетите Нации, што се одржува во Шарм ел-Шеик во Египет.
Мадуро посочи дека е потребно итно дејствување.
– Ние во Јужна Америка имаме одговорност, а тоа е да го запреме уништувањето на Амазонија и да воспоставиме координиран процес на закрепнување, подвлече Мадуро.
Петро истакна дека неговата земја ќе издвојува 200 милиони долари годишно во наредните две децении, за да се паси Амазонија и апелираше на солидарност на мултилатералните организации и големите држави во светот.
Единствените латиноамерикански лидери кои присуствуваат на самитот КОП27 се Мадуро и Петро.
Амазонската прашума или Амазонија зазема околу една третина од Јужна Америка околу реката Амазон. Воедно, станува збор и за областа со најголема биолошка разновидност во светот.
Површината на прашумата се протега низ девет држави, а најголем дел, околу 60 отсто е во Бразил. Поради неконтролирана сеча доаѓа до проблеми како што се ерозија, поплави и климатски промени и се уништува живеалиштето на многу растенија и животни.
Самитот КОП27 се одржува од 6 до 18 ноември. На него присуствуваат повеќе од 100 лидери и шефови на држави и разговараат за начини за намалување на негативните влијанија на климатските промени и за прилагодување на нивните последици.