Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер Рамуш Харадинај изјави дека во Собранието на Косово ќе поднесе резолуција за решавање на актуелната криза во северно Косово, како и за постигнување конечен договор со Србија, со меѓусебно признавање меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на денешната прес-конференција изјави дека резолуцијата, која содржи четири точки, доколку не биде усвоена, неговата партија „ќе разгледа други мерки“.
ААК со резолуцијата бара одлагање на владината одлука за пререгистрација на возилата кои имаат таблички издадени од Србија со косовски таблички, да започне дебата за враќање на Србите кои ги напуштија институциите, да започне комуникација со сите домашни фактори за излез од создадената ситуација и да се одржи самит во Соединетите Американски Држави „до постигнувањето договор, кој ќе подразбира меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија“.
Харадинај изјави дека до Собранието упатил писмено барање за итна седница, поради тоа што земјата се соочува со една од најтешките кризи од завршувањето на последната војна.
-Политичката и безбедносната ситуација во Косово е меѓу најтешките во овие 22 години. Србија изработила сценарио за дестабилизација на Косово, наложувајќи им на Србите да ги напуштат косовските институции, изјави Харадинај.