Фудбалерите на минхенски Баерн обезбедија најмалку четири бодови предност пред најблиските конкуренти за вториот дел на германското првенство, откако во последниот саботен дуел од 15-то коло во Гелзенкирхен со 2:0 го совладаа домашниот Шалке 04.
За десеттата победа на Баерн стрелци беа Серж Гнабри во 28 и Ерик Максим Чупо-Мотинг во 52 минута, а при двата погодока асистираше Џамал Мусиала.
Баерн остана на врвот со 34 бодови а РБ Лајпциг има 28 бодови од 15 натпревари, додека со 27 бодови и меч помалку се Унион Берлин и Фрајбург. Шалке, кој се врати во Бундеслигата по една сезона, на пат е повторно да се пресели во понизок ранг, го нанижа десеттиот пораз и е убедливо последен со само девет бодови, во моментов пет помалку од зоната на опстаник.
Фудбалерите на РБ Лајпциг првиот дел од германското првенство го завршија со победата од 2:1 на гостувањето во Бремен кај Вердер. Гостите поведоа во 13 минута преку Андреа Силва, а на 1:1 израмни во 57 минута Кристијан Грос, а конечните за 2:1 го постигна Касавие Шлагер во 71 минута.
Со четвртата последователна победа РБ Лајпицг во моментов е н втората позиција со 28 бодови, седум за водечкиот Баерн кој има и меч помалку, но го следат со бод помалку Унион Берлин и Фрајбург, како и Ајнтрахт со два помалку но и меч помалку, а Вердер моментално е деветти со 21 бод.
Волфсбург исто така со 2:1 славеше на гости кај Хофенхајм. Домашните поведоа во 42 минута со голот на Криштоф Баумгартен, но во четвртата минута од судиското продолжение автогол постигна Езан Кабак, а Ридле Баку во 56 година го нарави резултатскиот пресврт.
Волфсбург со четвртата последователна победа дојде до 23 бодови и седмото место на табелата, а за Хофенхајм ова беше третиот пораз со ред и остана на 18 бодови со кои моментално е на 10-то место.
Баер пред своите навивачи во Леверкузен со 2:0 го победи Штутгарт, а стрелци беа Муса Диаби во 30 и Џонатан Тах во 82 минута. Баер Леверкузен моментално со 18 бодови е на 11-то место, а Штутгарт е 16-ти во групата екипи кои во вториот дел од сезоната ќе се борат за опстанок во Бундеслигата.
Со истиот резултат заврши и дуелот во Берлин во кој домашната Херта триумфираше над Келн. Стрелци беа Волфред Канга во 9 и Марко Рихтер во 54 минута. Херта сега со 14 бодови е 15-та, а Келн остана на 17 водови и на 13-то место.
Втората победа со ред ја остварија фудбалерите на Бохум кои со голот на Кристофер Антви-Аџеи во 58 минута го победија домашниот Аугсбург. Бохум и покрај четирите победи по катастрофалниот старт останува претпоследен 17-ти, но сега со 13 бодови и поблиску до зоната на опстанок, кон која се движи Аугсбург кој остана на 15 бодови и на 14-то место.
Во недела на распоредот се дуелите Мајнц – Ајнтрахт и Фрајбург – Унион Берлин.