
Во натпреварите од 16-то коло на англиското фудбалско првенство Манчестер Јунајтед на гостувањето со 2:1 го победи Фулам, а со идентичен резултат Астон Вила како гостин го порази Брајтон енд Хоув Албион.
Манчестер Јунајтед ја оствари петтата победа во последните шест натпревари во сите натпреварувања, а решавачкиот погодок го постигна 18-годишниот Алехандро Гарначо во втората минута од судиското продолжение на натпреварот.
„Црвените ѓаволи“ поведоа во 18 минута со голот на Кристијан Ерискен, а израмни Даниел Џејмс во 60 минута, и кога се чинеше дека дуелот ќе заврши без победник младиот Аргентинец погоди за трите бода.
Манчестер Јунајтед со одиграни 14 натпревари и 26 бодови моментално е на петтото место на табелата, а Фулам има 19 бодови од 15 кола и е деветти.
Астон Вила ја продолжува својата ренесанса под водство на шпанскиот тренер Унаи Емери впишувајќи ја втората лигашка победа во низа. По победата над Манчестер Јунајтед од 3:1, Астон Вила во неделата со 2:1 го совлада домашниот Брајтон.
Домашните поведоа на самиот почеток од натпреварот, во 49 секунда, кога аргентинскиот играч од средниот ред Алексис Мек Алистер го пресече млакото додавање на голманот Емилијан Мартинез кон Даглас Луиз надвор од шеснаесетникот и ја закова топката во гостинската мрежа. Ова беше најбрзиот погодок што го постигнале играчите на Брајтон во Премиер лигата во историјата.
Но во продолжението од дуелот гостите направија резултатски пресврт, а двата погодока беа дело на Дени Ингс, во 20 минута од пенал израмни, а на гостите им ја донесе победата со голот во 54 минута.
Брајтон остана седми со 21 бод од 14 одиграни кола, а Астон Вила сега скокна на 12-то место со 18 бодови од 15 натпревари.
На врвот на Премиер лигата води Арсенал со 37 бодови пред Манчестер Сити со 32 бодови, а двата тима имаат одиграно 14 кола. Ги следат Њукасл и Тотенхем со 30 односно 29 бодови, но со меч повеќе.
Во зоната на испаѓање од 18-то до 20-то место се Нотингем Форест со 13, Саутемптон со 12 и Вулверхемптон со 10 бодови.