
Израел нападнал во неделата вечерта позиции во централната сириска покраина Хомс, односно воздухопловната база ал-Шајрат, при што загинале двајца сириски војници а уште тројца се ранети, известија сириските државни медиуми.
Како што објави сириската службена новинска агенција SANA, повикувајќи се на воени извори, во воздушните удари бил гаѓан „воениот аеродром ал-Шарјат“, и притоа го потврдиле загинувањето на двајца и ранувањето на другите тројца војници.
Сириската противвоздушна одбрана ги „пресретнала повеќето непријателски ракети над покраината Хомс“, се истакнува во извештајот на SANA.
Сириската државна телевизија објави снимки на кои се гледа како противвоздушните системи пресретнуваат „израелски непријателски ракети“.
Израел од почетокот на граѓанската војна во Сирија во март 2011 година, кога сунитските бунтовници но и џихадистичките групации ги поддржаа соседните арапски сунитски монархии и Западот, изведе стотици воздушни напади врз сириска територија, гаѓајќи ги позициите на владините сили и на нејзините сојузници шиитските доброволечки милиции кои ги поддржува Иран и борците на либанското движење Хезболах.
Израел ретко ги коментира воздушните удари во Сирија, и внимава на двете руски бази во Тартус и Хмејмим каде се распоредени напредните противвоздушни системи „С-400“. Но предупреди дека нема да дозволи неговиот најголем непријател Иран да се зацврсти во Сирија.