12.8 C
Skopje
петок, октомври 18, 2024

Познат македонски водител бил во Истанбул за време на експлозијата, тој е сведок на ужасот и страотните слики (ВИДЕО)

„Само што поминавме со моите пријатели, бевме на една мала тура на плоштадот „Таксим“, по што тргнавме на другата страна на Истанбул, да посетиме некои други знаменитости. Тогаш наеднаш дојде толку голема врвулица од сирени и амбулантни возила“, вели македонскиот радио и телевизиски водител Марко Марк во сведоштво за „Телма“ околу страотната експлозија која се случи денеска.

Водителот, кој вели дека е сместен на само неколку стотици метри од местото на експлозијата, додава дека на туристите им било речено да останат во хотелите, како и дека во моментов плоштадот „Таксим“, кој е во непосредна близина на местото на нападот, е целосно блокиран. Има и други ограничувања наметнати од властите. Во центарот на Истанбул и вечерва се слушаат сирени.

Експлозијата, која турските власти ја истражуваат како терористички напад, се случи вчера нешто по пладне на улицата „Истиклал“ – популарно туристичко шеталиште кое во моментот било полно со луѓе. Загинаа шестмина луѓе, а над 80 се повредени.