Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со победа во понеделникот вечерта го започна АТП финалето во Торино, совладувајќи го во првото коло од Црвената група Гркот Стефанос Циципас со 6-4, 7-6 (4).
Ова беше нивно дванаесетто меѓусебно соочување и десетта победа на Ѓоковиќ, а деветта во низа.
Во 15-от настап на АТП финалето, Ѓоковиќ ќе се обиде да дојде до шестата титула и да го израмни рекордот на Роџер Федерер. Претходно го освојуваше завршниот турнир во 2008, 2012, 2013, 2014 и 2015 година.
Претходно денеска Русинот Андреј Рублев во првиот меч од групата го победи сонародникот Данил Медведев со 6-7 (7), 6-3, 7-6 (7).
По два дена во второто коло се соочуваат Ѓоковиќ – Рублев и Циципас – Медведев.
Завршниот турнир во Торино се игра за награден фонд од 14,75 милиони долари.