Албанија охрабрува дијалог за решавање на проблемот во северниот дел на Косово, изјави денеска министерот за одбрана Нико Пелеши.
Според него Косово е целосно во право кога бара реципроцитет со Србија.
-Мојот коментар е на албанската Влада, премиерот јавно го соопшти. Ние сме за решение преку дијалог, затоа го поттикнуваме дијалогот. Се разбира, Косово е во рамките на своето право да бара реципроцитет, да бара спроведување на законитоста на целата своја територија. Косово е независна држава, има свој неприкосновен суверенитет, очигледно, но само дијалогот е тој што ќе ги реши сите прашања меѓу нашите земји кон единствената дестинација на Западен Балкан, а тоа е интеграцијата во евроатлантските структури, рече Пелеши.
Тој исто така додаде дека интеграцијата во ЕУ е аспирација на шесте земји од Западен Балкан.
– Ние сме три од шесте земји од Западен Балкан кои завршија половина пат, така што сме членки на НАТО, но сè уште сме на нашиот пат кон ЕУ. Србија има различна агенда од нас во однос на интеграцијата во НАТО, но сите други земји на патот кон НАТО имаат своја дестинација и три од нив пристигнаа. Затоа го охрабруваме дијалогот, седнувањето на маса. Дијалогот трае веќе неколку години. Добро е сите достигнувања да се чуваат и се надградуваат, оценува тој.
Зборувајќи за ситуацијата во Украина и случувањата во Г20, Пелеши нагласи дека утре се состанува Контакт групата под раководство на американскиот секретар за одбрана, каде што учествуваат 55 земји кои се за мир и против војната на Русија.
-Оваа војна не требаше да почне, но сега мора да заврши што е можно поскоро, бидејќи тоа е војна која е опасност и ја наруши и геополитичката рамнотежи. Го доведе светот во нова геополитика. Ја потресе светската економија. Инфлација има и кај нас, иако пониска во споредба со другите земји, истакна Пелеши за време на посетата на Корча.