Баварија ја повикува ЕУ да стави вето на легализацијата на канабисот во Германија

Германската сојузна покраина Баварија го испрати во средата својот министер за здравство во Европската унија за да се обиде да ја убеди Европската комисија да стави вето на плановите на владата во Берлин да го легализира канабисот.

„Легализацијата на канабисот којашто ја предлага сојузната влада не е само опасна за здравјето, туку исто така сум уверен дека го крши европскиот закон“, изјави баварскиот министер за здравство Клаус Холечек по состанокот со одговорната главна директорка Моник Париа.

Предлогот за легализација на канабисот го претстави кон крајот на октомври германскиот министер за здравство Карл Лаутербах. Тогаш најави дека прво ќе побара од Европската комисија да испита дали мерките се компатибилна со првото на Европската унија.

Холечек вели дека верува дека и шенгенската конвенција од 1990 година и Рамковната одлука на ЕУ од 2004 година за борба против илегалната трговија со дрогите ја задолжуваат Германија и другите земји членки на ЕУ да ги криминализираат производството, продажбата и дистрибуцијата на наркотични супстанции како што е канабисот.

„Изземено е само строго контролираното тргување за користење во медицински или научни цели. Легализацијата на трговијата со канабис со намена за уживање на национална основа, оттаму, не е можна дури и кога тоа државата строго го регулирала“, тврди баварскиот министер за здравство.

Германската влада кон крајот на октомври објави дека планира да ги легализира продажбата и консумирањето на канабисот, а би требало да биде дозволено количество до 30 грама. Во ограничена мера ќе биде дозволено и одгледување за сопствени потреби.

Нацртот на законот предвидува и продажба на канабис „за уживање“ во специјализирани овластени продавници, а подоцна и во аптеки. Продажбата би била дозволена само на полнолетни лица.

Според социјалдемократскиот министер Лотербах, целта на законската иницијатива на сојузната влада е потиснување на илегалниот пазар. Покрај тоа, идејата е и марихуаната да биде квалитетна и да се заштитат консументите кои се загрозени од последиците на илегалното уфрлање нечисти материи што води кон моментални психози или колапс на кардиоваскуларниот систем,

Заговорниците за легализација велат дека чистата марихуана, со точно одреден удел на ТHC, значително би ги намалила ризиците. Велат и дека младите поотворено би можеле во училиштата и дома да зборуваат за канабисот.

Досега во Германија легален пристап до канабисот имаа само тешко заболените пациенти.