Мицкоски: Владата ја користи инфлацијата за да собере повеќе пари од граѓаните и стопанството за да троши на договори во 4 очи

-Според Буџетот кој што го предложија за следната година предвидуваат инфлација од 7,7% и раст на економијата од 2,9% на БДП. И на основа на овие два параметра тие ја темелат претпоставката дека ќе соберат повеќе од 400 милиони евра во Буџетот. Замислете, значи Владата ја користи инфлацијата за да собере повеќе пари од граѓаните и стопанството за да троши“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Зрновци при одговарање на новинарско прашање.

Мицкоски додаде дека не знае друга Влада во светот што на ваков начин планира Буџет да земе од граѓаните и од стопанството и да троши во договори во четири очи.

„Они велат 7,7%, иако јас мислам дека двоцифрена ќе биде и следната година стапката на инфлација во одредени месеци, сега просечната во текот на годината можеби нема да биде толкава и ќе зависи и од некои други фактори. Но, сепак мислам дека во некои месеци таа ќе биде двоцифрена“, појасни Мицкоски.

„Но, она што повеќе загрижува е што тие растот на приходите во Буџетот за следната година го темелат на тоа што преку инфлацијата од граѓаните кои што ќе плаќаат поскапи производи, поскап леб, поскапо сирење, поскап зејтин, поскапо брашно, поскап шеќер, ќе соберат повеќе пари преку даноците во Буџетот. Така они ќе ја водат економијата“, нагласи тој.

Тој укажа дека така водеше и држеше лекции претходникот што го носи Ковачевски врежан во срцето и самиот Ковачевски.

„Земи од народот и стопанството и кради. Така функционираат, но затоа тој ист народ ќе им каже на избори што мисли за овие нивни лекции и ќе доживеат историски пораз. А, после тој пораз следи и одговорност. За ваквата неодговорна политика следи одговорност“, порача Мицкоски.

Додаде дека инфлацијата не е увезена бидејќи е за два пати поголема од таа во Европа.