
Илјадници визони талкаат во четвртокот низ пејзажот на северозападот од американската сојузна држава Охајо, откако вандали провалиле на фарма кој ги одгледува овие животни ценети поради нивното крзно и ослободиле до 40.000 единки од нивните кафези, соопштија тамошните власти.
Животните, кои побегнале во вторникот, ги преплавиле блиските патишта а многу од нив биле изгазени од возилата во минување, додека ловците тргнале во потрага по другите, известуваат локалните медиуми во округот Ван Верт во Охајо.
Весникот Delphos Herald пренесе дека работниците на фармата, којашто се наоѓа во општината Хоагленд, пукале на животните додека тие трчале преку имотот.
Шерифот Том Ригенбах во соопштение за јавноста наведува дека осомничените ја уништиле оградата и пуштиле меѓу 25.000 и 40.000 животни од нивните кафези. Додава дека инцидентот се истражува како случај на вандализам и провала. До средата на слобода останале помалку од 10.000 визони, извести The New York Times, повикувајќи се на интервју со Ригенбах.
Предупреди дека визоните се „месојадни животни кои се склони на свежо убиена храна“, редовно ловејќи животни поголеми од самите нив. Ги повика сопствениците на куќите, одгледувачите на живина и другите да се држат подалеку од животните и да повикаат овластени ловци за да ги заловат или оградат.
Коментирајќи на Facebook локалните жители велат дека автопатот во округот Ван Верт, околу 240 километри северно од Синсинати близу границата со Индијана, сѐ уште е прекриена со крвта на животните прегазени од автомобилите и камионите.
Во 2013 година групата којашто самата си се нарекува Фротн за ослободување на животните ја презема одговорноста за ослободување на визоните од фарма во округот Ван Верт. Меѓутоа, не е познато дали оваа група била вклучена во пуштањето од кафезите на визоните во вторникот.
Весникот Delphos Herald известува дека групата ја преземала одговорноста за ослободување на околу илјада визони од друга фарма во Охајо претходно во ноември.
Визоните се одгледуваат поради нивното крзно, што е практика на којашто поборниците за правата на животните се противат и велат дека е нехумана.