Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“ констатира дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, информира денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.
МИА јави дека Димовски посочил дека чекањето за реферирање за случајот било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи дали ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност.
Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице се прави на неколку нивоа и потребни се потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност, појасни Димовски.
– Констатиравме дека последното ниво кое требало да направи консултација со НАТО партнерите дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста – изјави Димовски, по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР).
Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не.
– Испитуваме дали станува збор за изолиран случај или не. Дали се работи за пропуст, или некој намерен или лукративен интерес. Не сакаме поради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали ќе заврши со дисциплинска или со кривична одговорност – изјави Димовски.
Димовски не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати.
Прашан дали чувствува лична одговорност како директор на АНБ, Димовски рече дека тој не оди никаде и останува тука.
– Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас кажав дека нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам место на живеење. Јас ќе бидам тука – изјави Димовски.
Димовски посочи дека ќе инсистира на собраниската Комисија да се разговара и за тоа дека случајот Онишченко се појави во исто време и со обвинувањата дека Агенцијата го користи средствата за следење на политичката опозиција.
– Се сакаше да се покаже дека Агенцијата влегла во чевлите на поранешниот субјект УБК и дека го прави истото, кога за жал, прислушуваа во подолг временски период повеќе од 20.000 граѓани на нашата земја – изјави Димовски.
Денеска, паралелно со испитувањето на овој безбедносен пропуст, се случи нов – дел од седницата, која поради чувствителноста на информациите беше затворена за јавноста и медиумите, се емитувал на Јутјуб.
„Добредојдовте во Република Македонија под власт на СДСМ и ДУИ.“, истакна Љупчо Пренџов, Комисија за надзор на работата на АНБ.
Поради ваквата ситуација комисиската седница беше прекината и ќе продолжи наредната недела кога дополнително ќе се утврдува како човек со проблематично минато за кој американските служби утврдиле дека се мешал и влијаел врз претседателските избори во САД во 2020 добил македонско државјанство и дури ја претставувал земјава во коњички скокови.