Катар 2022: Инфантино се нафрли на „лицемерието“ на западните земји

Претседателот на светската фудбалска асоцијација ФИФА, Џани Инфантино се нафрли во саботата на лицемерието во западните земји кои особено во името на човековите права ја критикуваат организацијата на Светското фудбалско првенство кое в недела започнува во Катар.

„Оние кои го критикуваат Светското првенство се лицемери, ова што во моментов се случува навистина е неправедно“, изјави челникот на ФИФА на почетокот на конференцијата за медиумите почнувајќи го долгиот говор во кој рече дека се чувствува „Катарец“, „Арапин“, „Африканец“, „геј“, „инвалид“ и „работник имигрант“ сето тоа истовремено.

Прес-конференцијата, којашто започна со едночасовен монолог, беше одржана ден пред отворањето на првенството меѓу селекциите на земјата домаќин Катар и на Еквадор на стадионот „Лусаил“ во Доха.

„За она што ние Европејците го сторивме изминатите три илјади години, би требало да се извинуваме следните три илјади години пред да почнеме на другите да им држиме етички лекции. Тие морални уроци се само лицемерие“, рече Инфантино.

Се осврна на написите објавени во некои земји, како Англија, Франција, Шпанија, кои како „лажни навивачи“ ги опишуваат навивачите од Јужна Азија.

„Тоа е чист расизам. Секој на светот има право да бодри кого да сака“, рече Инфантивно.

Откако во 2010 година ја доби организацијата на првенството, Катар беше цел на остри критики кои дополнително зајакнаа како што се приближуваше почетокот: обвиненија за корупција, критики за влијание врз природната околина, критики за кршење на човековите права, особено за LGBTQ+ лицата и на работниците мигранти, вклучително и оние кои работеле на инфраструктурата за светското првенство.

Инфантино се осврнал и на вчера донесената забрана за консумирање алкохол на просторите околу стадионите, велејќи дека фудбалските навивачи можат да преживеат три часа без пиво.

„Лично мислам дека можеме да преживееме без пиво три часа. Било во Франција, Шпанија, Шкотска“, рече претседателот на ФИФА.